Аргентинските навивачи досега имаат безброј причини за задоволство на Светското првенство, со оглед на тоа што Лионел Меси и дружината со максимален учинок и моќна игра се пласираа во нокаут-фазата, покажувајќи дека се сериозни во намерата да ја одбранат титулата. Сепак, покрај еуфоријата на теренот, „гаучосите“ продолжуваат да прават вистинско шоу и на трибините, а еден неверојатен детаљ по натпреварот против Јордан во Далас ја покажа нивната фанатична солидарност и заедница.
Имено, еден несреќен навивач во големата мешаница на стадионот го изгубил својот паричник, но наместо тоа да биде почеток на мундијалски кошмар, се претвори во атракција за која зборува цел свет. Паричникот го пронашол друг аргентински фан, кој веднаш го кренал високо во воздухот со надеж дека сопственикот некако ќе го забележи. Бидејќи гужвата била огромна и никој не се јавувал, навивачите околу него брзо смислиле генијален и крајно оригинален план. Го погледнале името на сопственикот напишано на личната карта, а потоа стотици фанови во еден глас почнале ритмично и фанатично да го скандираат неговото име, како да прославуваат гол за светска титула.
An Argentina fan lost his wallet…
The guy who found it turned the owner’s name into a chant to track him down… It worked!
Football fans are the greatest. 👏🇦🇷 pic.twitter.com/YRlWWej5pm
— World Cup HQ (@WorldCup26HQ) June 28, 2026
Ефектот бил моментален бидејќи само по дваесетина секунди, пресреќниот и збунет сопственик се појавил во толпата и си ги добил документите назад. Колку целата атмосфера била еуфорична и луда покажува и фактот што веднаш по „примопредавањето“, и сопственикот и чесниот наоѓач на паричникот завршиле качени на рамениците на останатите навивачи, кои долго ја славеа оваа необична победа на хуманоста надвор од фудбалските терени.

