Стадионот „Марсело Биелса“ беше сведок на уште еден фудбалски спектакл во препознатлив јужноамерикански ритам. Дербито меѓу Њуелс Олд Бојс и Бока Јуниорс заврши без победник 2:2, но понуди сè што ги прави аргентинските пресметки толку посебни, четири гола, комплетни пресврти, жестоки стартови, тензија на теренот и вулканска атмосфера на трибините.
Иако Бока влезе во овој дуел со разнишана самодоверба по мачното изборување осминафинале во Копа Судамерикана, гостите од Буенос Аирес го контролираа првото полувреме и поведоа со погодокот на Сантијаго Аскарибар по центаршутот на Себастијан Виља. Сепак, домашниот состав комплетно ја промени сликата по паузата. Матијас Кокаро израмни на 1:1 откако го измами Леандро Паредес, а стадионот експлодираше кога 19-годишниот капитен Лука Рехиардо, донесе брз пресврт и водство од 2:1 за Њуелс.
Тензијата го достигна врвот кога изнервираниот Паредес заработи жолт картон за намерно удрирање противнички играч со топка додека лежеше на тревата. Сепак, Бока одби да се предаде и преку Алан Веласко во 81. минута избори израмнување, а до крајот имаше шанса и за нов пресврт и освојување на целиот плен, но стативата беше сојузник на домашниот голман.

