Каква магична ноќ во Канзас за Лионел Меси и за комплетната историја на светскиот фудбал! Аргентинскиот волшебник уште еднаш ги замолкна сите критичари и докажа дека неговата фудбалска бајка едноставно нема крај. На својот шести Мундијал во кариерата и на својот јубилеен 200-ти натпревар во националниот дрес, неверојатниот Лео постигна спектакуларен хет-трик во рутинската победа на Аргентина над Алжир од 3-0. Со овој подвиг, тој го израмни рекордот на легендарниот Мирослав Клосе на врвот на листата на најдобри стрелци во историјата на Светските првенства со вкупно 16 постигнати голови.
По моќното издание на Килијан Мбапе против Сенегал, светските медиуми побрзаа да го прогласат Французинот за иден апсолутен владетел на мундијалските стрелци. Сепак, овој неуништлив гение покажа дека сè уште тој се прашува за фудбалскиот престол, па во моментов има два гола повеќе од Мбапе. Дополнителна емотивна и симболична тежина на оваа ноќ ѝ дава фактот што сè се случи на истиот ден кога пред точно 20 години, тогаш како голобрадо момче во Германија, Меси го одигра својот прв мундијалски меч во кариерата против тогашната Србија и Црна Гора. Од тој натпревар во 2006 година, па сè до денес, зад него се неверојатни 200 натпревари и дури 119 голови во светиот сино-бел дрес.
Светскиот шампион му пристапи на овој дуел максимално сериозно, поучен од раните сопнувања на Шпанија, Бразил и Холандија на стартот на овој турнир. Осмократниот освојувач на „Златната топка“ ја тресеше мрежата на противникот во 17-тата, 60-тата и 76-тата минута, а неговиот трет гол, кога со прецизен удар подоги во долниот лев агол, беше мало ремек дело. Кога Меси игра со ваква енергија и жар во очите, тогаш игра и цела Аргентина. Алжир, предводен од Владимир Петковиќ, делуваше целосно безопасно во Канзас. Дури и кога во игра влегоа првите ѕвезди Ријад Марез и Мохамед Амура при резултат 0-2, „гаучосите“ суверено ја контролираа играта и не му дозволија на противникот ниту еден единствен удар во рамките на голот.
Големи заслуги за ваквата моќна премиера одат и на сметка на селекторот Лионел Скалони, кој успеа повторно да ги мотивира своите војници и да го задржи гладот за трофеи и по освојувањето на мундијалската круна во Катар и двете титули на Копа Америка. Скалони сега чекори кон историјата, обидувајќи се да стане првиот селектор по Виторио Поцо од 1938 година кој успеал да ја одбрани светската титула. Со капитен како Меси, кој и во својата 39-та година од животот изгледа максимално наострен, моќен и исполнет со онаа чиста јужноамериканска емоција, Аргентина уште еднаш испрати брутална порака до конкуренцијата дека нема намера лесно да ја предаде светската круна.

