Репрезентацијата на Аргентина го осигура првото место во својата група на Светското првенство, откако вечерва славеше над селекцијата на Австрија со резултат 2-0. Овој триумф ги промовираше „гаучосите“ во нокаут-фазата, па последното коло против Јордан за нив ќе биде само рутинско воигрување. Сепак, овој натпревар со златни букви ќе остане запишан во фудбалската историја поради неверојатниот Лионел Меси, кој официјално го урна рекордот на Мирослав Клосе и стана најдобар стрелец во историјата на светските првенства.
Натпреварот започна со шок за аргентинските навивачи откако Меси уште на самиот почеток пропушти колосална шанса. По досудениот пенал врз Лаутаро Мартинез, капитенот шутираше катастрофално и го промаши целиот гол. „Гаучосите“ продолжија со силен притисок на теренот, креирајќи уште две одлични прилики кои Меси не успеа да ги реализира. Сепак, моментот на магија пристигна во 38-та минута кога, по асистенцијата на Медина, Меси со маестрален удар од работ на шеснаесетникот конечно го матираше австрискиот голман за водство од 1-0.
Во второто полувреме Австрија беше принудена да се отвори, но европската селекција делуваше целосно немоќно и се мачеше да создаде посериозна шанса пред голот на Емилијано Мартинез. Актуелните светски шампиони рутински го контролираа темпото, а во последната минута од мечот ја запечатија победата. Меси најпрво одлично го проигра Хулијан Алварез чиј удар беше одбранет, но одбиената топка стигна директно до Меси, кој без проблем погоди за конечни 2-0. Ова беше негов вкупно 18-ти погодок на Мундијалите со кој стана апсолутен рекордер на планетата.

