Македонски фудбал Фудбал

Арачиновци дојдоа до реми против фаворитот од Тетово (ВИДЕО)

Првото прволигашко соочување меѓу Шкендија од Арачиново и Шкендија од Тетово донесе голема борба и поделба на бодовите (1:1) во рамките на 9. коло од македонскиот фудбалски шампионат. Иако фаворизираниот гостин од Тетово имаше контрола во поголемиот дел од мечот, домаќините покажаа карактер во завршницата и изборија реми против еден од главните претенденти за титулата.

Тетовчани отворија фуриозно и уште во воведните 15 минути жестоко притиснаа кон противничкиот гол. Домашниот чувар на мрежата Столевски мораше да интервенира во неколку наврати, а во една ситуација Селмани спасуваше и од самата гол-линија. Иницијативата на гостите конечно беше крунисана во 30. минута кога Криезиу изнуди пенал по прекршокот на Столевски, а Ендрит Красниќи беше сигурен реализатор од белата точка за предност од 0:1 на полувремето.

Во вториот дел тетовци пропуштија неколку зрели прилики за решавање на сите дилеми преку Тамба, па набрзо пристигна сурова казна. Арачиновци заиграа похрабро во самиот финиш, па по заканата на Мартин Тодоров, искусниот Марко Симоновски во 77. минута одлично реагираше на еден центаршут и со прецизен удар ја затресе мрежата на Гаје за израмнување на 1:1 и огромна радост на трибините.

 

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.