Германскиот репрезентативец и еден од клучните дефанзивци на Реал Мадрид, Антонио Ридигер, ја продолжи соработката со „кралскиот клуб“ до 30 јуни 2027 година, соопштија денеска од шпанскиот гигант. Иако финансиските детали од договорот остануваат тајна, шпанските медиуми пренесуваат дека по неколкумесечни преговори, искусниот стопер пресекол и одлучил да остане во Мадрид, каде што неодамна тренерската функција ја презеде португалскиот стратег Жозе Мурињо.
„Сон е да се работи со него“, изјави Ридигер пред само два дена, со што јасно стави до знаење дека доаѓањето на Мурињо имало голема улога во неговата одлука за иднината.
33-годишниот Ридигер е член на Реал Мадрид од 2022 година и досега остави добар впечаток во белиот дрес. За клубот одигра 182 натпревари, постигна осум голови и успеа да освои дури осум трофеи во изминатите неколку сезони. Силниот дефанзивец моментално се наоѓа со репрезентацијата на Германија на Светското првенство во Северна Америка, па по официјалното решавање на клупската иднина, сега ќе може со комплетно мирна глава да им се посвети на мундијалските предизвици со националниот тим.

