Идејата на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за организирање на спектакуларен музички концерт за време на полувремето од финалниот натпревар на Светското првенство, предизвикува сè поголеми бранувања во спортската јавност. Додека куќата на фудбалот планира три огромни церемонии на отворањето во трите земји домаќини и ветува дека дел од заработката (околу 100 милиони долари) ќе заврши во хуманитарни цели за едукација на децата, во заднината се крие сериозен проблем со кој се кршат основните фудбалски правила. Имено, паузата меѓу двете полувремиња според прописите смее да трае најмногу 15 минути, а ваквиот естраден шоу-програма неминовно ќе го пролонгира тоа време.
Овој потег наиде на брутална реакција кај легендарниот француски ас Тиери Анри, кој јавно ја обвини светската куќа на фудбалот дека поради профит ја уништува играта.
„Фудбалот чекор по чекор ја губи својата душа. Светското првенство треба да биде најчистата форма на овој спорт, со сиот притисок, тактика, емоции и историја, а не концерт на полувреме осмислен само за социјалните мрежи и за ВИП ложите. Најдобрите играчи уште од мали нозе се програмирани за пауза од точно 15 минути. Тогаш мускулите остануваат загреани, а фокусот е на максимум. Сега замислете ги фудбалерите како седат 25 минути во соблекувалната на најважниот меч во кариерата само затоа што на ФИФА ѝ треба поголем ТВ-спектакл“, отворено критикуваше Анри.
Французинот потенцираше дека фудбалерите не се роботи и дека предолгата пауза може целосно да го убие интензитетот на играта, а падот на адреналинот и ладењето на телото драстично го зголемуваат ризикот од повреди.
„Да бидеме искрени, ова веќе нема врска со фудбалот, туку со пари и забава. Сакаат да го претворат фудбалот во американски Супербол со повеќе реклами и славни гости, заборавајќи дека фудбалот стана најголем спорт на светот токму затоа што е доволен сам по себе. Најголемата опасност е што квалитетот на финалето ќе опадне, а навивачите потоа ќе ги напаѓаат играчите дека потфрлиле, без да сфатат дека условите на теренот беа вештачки променети. Мундијалот мора да остане светиња – 90 минути жестока војна меѓу најдобрите на планетата, а не пауза која трае толку долго што светот ќе заборави дека воопшто се игра натпревар“, заклучи легендарниот напаѓач.

