Кризата што ја потресува ФИФА ги надмина рамките на фудбалските сојузи и политичките структури. Легендарниот француски напаѓач Тиери Анри смета дека е дојдено време гласот конечно да го дигнат оние без кои целиот овој систем не би постоел, самите фудбалери. Тој ги повика професионалните играчи да станат свесни за своето влијание и заеднички да побараат суштински промени во раководењето со светскиот фудбал.
„Фудбалерите имаат многу поголема моќ отколку што мислат“, истакна Анри за време на дискусијата околу скандалите што ја опкружуваат светската куќа на фудбалот и нејзиниот претседател Џани Инфантино.
Неговата порака доаѓа во момент кога ФИФА се наоѓа под голем притисок поради контроверзниот план за продажба на дел од највредните комерцијални права на приватни инвеститори, проект со проценета вредност од дури 20 милијарди долари, кој беше повлечен по жестокиот отпор од УЕФА и водечките европски чинители. Покрај тоа, Фудбалскиот сојуз на Холандија јавно соопшти дека веќе нема доверба во Инфантино и побара темелни реформи, поголема транспарентност и ограничување на претседателските овластувања.
Анри смета дека играчите не смеат да останат само пасивни набљудувачи на овој голем судир. Како позитивен пример ги посочи американските професионални лиги, пред сè НБА и НФЛ, каде што спортистите преку организиран настап успеваат да влијаат врз клучните одлуки на сопствениците на клубовите и челниците на лигата. Пораката на Французинот е јасна, без најдобрите фудбалери нема Мундијал, телевизиски милијарди ниту глобална моќ, па затоа нивниот заеднички глас би бил речиси невозможно да се игнорира во пресрет на претседателските избори во ФИФА закажани за март 2027 година.

