Четвртфиналната фаза од Европа Лига беше вечерва затворена, а во полуфиналето ќе имаме англиски дуел. Екипите на Нотингем Форест и Астон Вила со вечерашните победи над своите противници, закажаа меѓусебен дуел, а со тоа, Англија со сигурност ќе има претставник во финалето.
Астон Вила со уште една убедлива победа, овој пат од 4:0, пред своите навивачи и покажа на Болоња дека во моментов разликата во квалитет е огромна. Домашните играчи уште во првиот дел ја завршија задачата, заминувајќи на полувреме со убедливи 3:0. Стрелци на головите беа Воткинс во 16-та минута, Буендиа во 26-та минута, а Роџерс, кој предходно промаши и пенал, го зголеми резултатот во 39-та минута. Конечниот резултат го постави Конса со гол во 89-та минута.
Нотингем Форест, после нерешениот резултат на гости кај Порто, дома славеше минимална победа со 1:0, а стрелец на голот беше Гибс-Вајт во 12-та минута, со доза на среќа, затоа што топката по неговиот шут се одби од противничкиот дефанзивец и го измами голманот на Порто, Диого Коста. Гостите од Порто речиси целиот натпревар го играа со играч помалку, откако во 8-та минута, по еден груб старт над Крис Вуд, дефанзивецот Беднарек доби директен црвен картон. Порто на моменти и немаше среќа, затоа што и со играч помалку не се предаде, а во неколку наврати и пречката беше сојузник на тимот од Англија.
Бетис се посрамоти во реванш натпреварот пред својата публика, губејќи од Брага со 2:4. Домашната екипа на полувреме имаше водство од 2:1, a Брага со неверојатен пресврт во второто полувреме дојде до конечните 2:4.
Во првиот натпревар денес, Селта Виго после високиот пораз на гости кај Фрајбург, денес и пред своите навивачи претрпе пораз од 1:3.
Во полуфиланите средби Астон Вила ќе се сретне со Нотингем Форест, а Брага со Фрајбург.
И во Конференциската лига се одиграа реванш дуелите од четвртфиналната фаза. Шахтјор се пласираше во полуфиналето играјќи нерешени 2:2 против АЗ Алкмар, но поради домашната победа од 3:0 беше поуспешен во дуелот. Рајо Ваљекано и покрај поразот од АЕК во Атина, се пласираше во следната фаза поради подобрата гол разлика.
Уште еден англиски клуб ќе биде дел од полуфиналната фаза во европските натпреварување. Кристал Палас загуби на гостувањето од Фиорентина со 2:1, но тоа не беше доволно за екипата од Фиренца, затоа што во Англија загуби со високи 3:0. Француски Стразбург е последниот патник во полуфиналната фаза. После поразот на гостински терен од Мајнц со 2:0, вечерва домашниот тим дојде до убедлива победа со 4:0 и така избори пласман во полуфиналето.
Во полуфиналната фаза ќе се сретнат Рајо Ваљекано и Стразбург, а Кристал Палас ќе го има Шахтјор за противник.

