Актуелниот европски вицешампион Англија вечерва излегува на нов голем испит на зрелоста на Светското Првенство. По почетниот триумф во дербито против Хрватска, избраниците на Томас Тухел во Бостон имаат шанса со нова победа експресно да го визираат пасошот за нокаут-фазата. Сепак, патот до трите бода води преку селекцијата на Гана, која веќе покажа заби во првото коло и со победата на Панама најави дека нема намера лесно да му го препушти тронот на фаворитот.
Германскиот стратег на клупата на Англија, Томас Тухел, максимално претпазливо пристапува кон овој дуел, респектирајќи ги специфичните карактеристики на африканскиот претставник. Тој предупреди дека Кејновата Англија ја чека физички моќен, исклучително брз и дисциплиниран противник на кој воопшто не му пречи да ја остави топката во нозете на ривалот и да демне од контранапади. Сепак, Тухел потенцираше дека мотивот кај неговите фудбалери е на највисоко ниво и дека тимот е подготвен да ја демонстрира својата сурова сила на теренот.
Ваквите најави воопшто не го исплашија превеаниот лисец на клупата на Гана, Карлос Квироз. Португалскиот стручњак испрати моќна и провокативна порака до европскиот гигант, алудирајќи на прекарот на англиската репрезентација. Квироз изјави дека неговите избраници одлично го познаваат интензитетот на Премиер Лигата и знаат како да го контролираат, додавајќи: „Англичаните тврдат дека ги имаат нивните ‘Трите Лава’, но ние зад себе имаме 33 милиони лавови!“. За Гана ова е натпревар на кариерата и совршен момент да се докаже вредноста против дел од најдобрите фудбалери на планетата.
Додека Бостон ќе биде арена на овој епски судир, возбудувањата во рамките на Групата Л ќе продолжат малку по полноќ во Торонто, каде што ранетите селекции на Панама и Хрватска ќе ги одмерат силите во обид да ги зачуваат своите мундијалски надежи.

