Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Англија и Хрватска славеа победи во последното коло, Гана им се придружи во нокаут фазата! (ВИДЕО)

Последното трето коло во групата Л на Светското првенство донесе очекуван расплет и лансираше уште три селекции во нокаут-фазата. Англија и Хрватска ги оправдаа улогите на апсолутни фаворити, па со триумфи во вторите полувремиња си го трасираа патот меѓу најдобрите на планетата.

Пресметката во Њујорк меѓу Панама и Англија понуди прилично монотоно прво полувреме во кое аутсајдерот комплетно му парираше на фаворитот. Панамците лесно можеа да стигнат и до шокантно водство доколку на голот на „Гордиот Албион“ не беше расположениот Џордан Пикфорд, кој со две бравурозни одбрани ја зачува мрежата чиста. Сепак, во продолжението на теренот излезе сосем поинаква Англија. Свесни дека им треба триумф за лидерската позиција и полесен противник во следната фаза, Англичаните го скршија отпорот на противникот за само четири минути. Прво Џуд Белингем погоди во 62-та минута, а веднаш потоа капитенот Хари Кејн во 66-та минута рутински ја закова топката за конечни 2:0.

Многу повозбудливо беше во Филаделфија, каде што Хрватска со 2:1 ја совлада Гана. „Коцкестите“ стигнаа до предност во првиот дел благодарение на вистински проектил од далечина на Сучиќ, гол со кој Хрватите во тие моменти цврсто го држеа првото место во групата. Жилавата Гана одби да се предаде и во второто полувреме фрли сè на една карта, па по серијата опасни шанси пред голот на Ливаковиќ, Лукасен во 73-та минута донесе израмнување за „Црните ѕвезди“. Следуваше вистинскa драма на нервите и повеќеминутен прекин поради проверка во ВАР-собата, но судиите на крајот оправдано покажаа на центарот бидејќи немаше ништо спорно. И кога Африканците помислија дека извлекоа голем бод, Хрватска удри експресно. Само осум минути подоцна, во 81-та минута, Никола Влашиќ одлично се снајде во шеснаесетникот и ја погоди мрежата за конечни 2:1 и заверка на мундијалскиот билет.

Покрај Англија и Хрватска кои завршија на првите две позиции, Гана, иако ја заврши групната фаза на третата позиција со 4 бода, успеа да се пласира во следната фаза.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.