Ремито против Мароко на стартот на Светското првенство донесе многу отворени прашања во таборот на Бразил, а селекторот Карло Анчелоти отворено призна дека чувствува одредена загриженост. Иако „кариоките“ важат за еден од најголемите фаворити за златниот медал на овој шампионат, трофејниот италијански стратег не сака да крева непотребна драма по првиот кикс и верува дека тимот допрва ќе го покаже вистинското лице.
Анчелоти беше доста самокритичен во анализата, особено за лошото прво полувреме во кое неговите избраници постојано беа под притисок и бркаа резултатска негатива. Тој посочи дека тимот делувал целосно неурамнотежено на теренот, но забележа и позитивни работи по тактичките корекции во вториот дел.
„Не одигравме добро на почетокот, ги губевме речиси сите дуели и премногу лесно ја предававме топката во посед на противникот. Нормално е што сум малку загрижен поради тоа. Мароко е исклучително квалитетен и организиран тим кој знае како да казни секоја грешка. Во второто полувреме со измените ја вративме контролата, но не успеавме да го скршиме нивниот отпор. Не сум разочаран, но не сум ниту среќен со бодот. Сепак, мора да останеме мирни, бидејќи Светското првенство не се освојува на првиот натпревар“, истакна Анчелоти.
Бразил ќе има шанса да ја поправи сликата и да ги освои првите три бода веќе на 20 јуни, кога во Филаделфија ќе се соочи со аутсајдерот Хаити, по што за пет дена следува и пресметката со Шкотска во Мајами.

