Предводникот на бразилската репрезентација, Карло Анчелоти, го најави вечерашниот голем дерби дуел против Мароко на полноќ, со кој „кариоките“ ја започнуваат својата мундијалска кампања. Искусниот италијански стратег, кој донесе видливо освежување и позитивна енергија во таборот на петкратниот светски првак, е свесен дека во рамките на групата во која се уште и Шкотска и Хаити, токму првиот испит ќе биде и најтешкиот за него на кормилото на Бразил.
„Мароко е извонредно силен и одлично организиран тим, со висококвалитетни играчи кои со голем успех настапуваат во Европа. Имаме огромен респект кон нив и очекувам натпревар кој ќе биде вистинско уживање за гледање. Мораме да одиграме перфектно во секој сегмент – во одбраната, во нападот, во транзицијата, а особено да внимаваме на прекините каде што сме силни. Во модерниот фудбал веќе нема мали екипи, а Мароко со право е меѓу најдобрите на африканскиот континент“, предупреди Дон Карло.
Запрашан за тоа дали Бразил под негово водство ќе инсистира на препознатливиот доминантен стил со целосна контрола на средината, тој јасно ја дефинираше својата фудбалска филозофија:
„Поседот на топка е само еден аспект од играта, но никако не е најважен. Ако зборуваме за чиста статистика, на крајот најважна работа е бројот на постигнати голови. Нашата идеја е да бидеме опасни кога ја имаме топката, но кога ја немаме, мораме да останеме максимално компактни бидејќи противник како Мароко веднаш ќе ги казни нашите грешки.“
Трофејниот стратег не го криеше разочарувањето што поради сериозна повреда во последен момент мораше да го пречрта дефанзивецот Весли, објаснувајќи дека поради разноврсноста на Данило и Ибањез во одбраната, решил на негово место да повика дополнителен играч во средниот ред.
Сепак, она што најмногу ги интересира бразилските навивачи е состојбата со првата ѕвезда на тимот, Нејмар.
„Нејмар работи напорно и прави сè за да се опорави што е можно побрзо. Го очекувам во конкуренција за состав веќе за следниот натпревар против Хаити. Неговите технички способности никогаш не биле спорни, но неговото искуство и начинот на кој ги мотивира останатите фудбалери се клучни за овој тим“, заклучи Анчелоти пред својата премиера на Светското првенство.

