Вечерва од 22:00 часот во Њујорк, петкратниот светски првак Бразил се соочува со Норвешка во мундијалското осминафинале. Главна тема пред овој блокбастер е како „кариоките“ ќе го сопрат незапирливиот Ерлинг Халанд, но селекторот Карло Анчелоти експресно ги замолкна критичарите на прес-конференцијата, порачувајќи дека такво нешто како „анти-Халанд план“ едноставно не постои бидејќи неговите дефанзивци одлично знаат со кого си имаат работа.
Испровоциран од честите тактички критики на јавноста поради несигурните игри на Бразил, италијанскиот стратег одговори во свој препознатлив стил. Тој потсети дека зад себе има над 1.400 натпревари во кариерата и нагласи дека единствениот човек на планетата од кого би прифатил фудбалски совет е легендарниот Сер Алекс Фергусон. „Стопроцентно сум сигурен дека не сум генијалец, но исто толку сум убеден и дека не сум будала“, порача Анчелоти.
Во однос на составот, Бразил ќе мора да се снаоѓа без повредениот Лукас Пакета, но голема позитива е враќањето на Рафиња. Иако офанзивецот сè уште не е на сто отсто од своите можности, тој дефинитивно ќе добие одредена минутажа во мечот за кој Анчелоти предупредува дека лесно може да замине и во евентуални продолженија.

