Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, најави кадровски промени пред вториот натпревар на неговата репрезентација на Светското првенство, истакнувајќи дека очекува многу подобро издание по ремито против Мароко на отворањето на турнирот.
„Кариоките“ не ги оправдаа очекувањата во првиот меч, кој заврши 1-1, па затоа притисокот пред дуелот со Хаити е значително поголем. Италијанскиот стратег призна дека неговиот тим не бил на посакуваното ниво, особено во првото полувреме, но верува дека работите ќе изгледаат поинаку во следниот настап.
Анчелоти потврди дека ќе освежи дел од стартниот состав, а според најавите Данило и Матеус Куња се најсериозни кандидати да добијат шанса од првата минута.
Во меѓувреме, Нејмар останува надвор од комбинација. Бразилската ѕвезда сè уште работи по индивидуална програма и нема да биде со тимот на гостувањето во Филаделфија.
И покрај критиките по првиот натпревар, искусниот тренер останува оптимист.
„Светско првенство не се освојува по првиот натпревар. Анализиравме што не функционираше и работевме на решенија. Верувам дека ќе покажеме поинакво лице“, порача Анчелоти.
Тој додаде дека не сака неговата репрезентација да биде ограничена на еден стил на игра, туку да биде тактички разновидна и способна да се прилагоди на различни ситуации во текот на турнирот.

