Рубен Аморим не губи време на кормилото на Милан. Новиот стратег на „росонерите“ уште при доаѓањето ја означи позицијата централен напаѓач како апсолутен приоритет во летниот преоден рок, а управата експресно му ја исполни желбата и тоа со уривање на историскиот клупски рекорд. Падна комплетен договор со Пари Сен Жермен за ангажман на португалскиот голгетер Гонсало Рамос.
Италијанскиот експерт за трансфери Џанлука Ди Марцио, како и францускиот медиум „РМЦ Спор“, потврдија дека зделката е договорена по формулата 65 милиони евра фиксно плус дополнителни 5 милиони во бонуси. Со вкупна вредност од 70 милиони евра, Рамос станува најскапото засилување во историјата на Милан. Сите формалности се веќе завршени бидејќи напаѓачот уште пред петнаесет дена ги помина превентивните лекарски прегледи, па сега се чека само официјалното соопштение од клубовите. Португалецот во моментов настапува на Светското првенство, а на подготовките на Милан ќе им се приклучи веднаш по завршувањето на мундијалските обврски.
Рамос се сели на „Сан Сиро“ по две и пол години поминати во Париз, каде пристигна на почетокот на 2024 година од Бенфика. За ПСЖ одигра 131 натпревар и постигна 45 голови, од кои 12 во изминатава сезона во сите конкуренции. Аморим во својот сонародник гледа совршен предводник на нападот со кој клубот планира да го нападне Скудетото и да се врати во самиот врв на европскиот фудбал.

