Американската пливачка Кејт Даглас, постави нов светски рекорд на 50 метри слободно, откако на натпреварувањето во Индијанаполис делницата ја исплива за фантастични 23,59 секунди. Со ова време, 24-годишната Даглас го надмина досегашниот светски рекорд на Сара Шестром, кој изнесуваше 23,61 секунди и беше поставен во 2023 година. Американката зад себе ја остави сонародничката Гречен Волш, која заврши на второто место.
Особено импресивен е фактот што Даглас го подобри својот личен рекорд за дури 32 стотинки, со што стигна до првиот светски рекорд во кариерата во долг базен. Претходно веќе имаше поставено четири светски рекорди во кратки базени. Иако најголемите успеси досега ги бележеше во дисциплините 200 метри градно и 200 метри мешано, овој рекорд на најкратката спринтерска делница дојде како пријатно изненадување за пливачката јавност.
Даглас зад себе веќе има богата кариера со пет олимписки медали, од кои две златни, како и десетици одличја освоени на светските првенства, потврдувајќи дека е една од најдоминантните пливачки на денешницата.

