Убедливиот пораз на ТФТ од Слобода во Тузла (106:61) остана во сенка на случувањата пред почетокот на натпреварот од АБА2 лигата. Македонскиот претставник настапи со само шест кошаркари, сите домашни, иако странските играчи биле подготвени да се најдат на теренот. Според објаснувањето што пристигнало по натпреварот, проблемот бил поврзан со регистрацијата на американските кошаркари, но од таборот на ТФТ не се согласуваат со таквото толкување. По средбата, тренерот Боро Смилковски отворено зборуваше за случувањата, најавувајќи дека клубот ќе ја документира ситуацијата и ќе се обрати до раководството на лигата.
Смилковски најпрво честиташе на Слобода за победата и позитивно го оцени приемот што го имале гостите во Тузла. Сепак, тој изрази жалење што наместо за кошарката и случувањата на теренот, по натпреварот мора да се зборува за административни прашања.
„Прво на сите, сакам да честитам на екипата на Слобода за победата. Благодарен сум за начинот на кој нè пречекаа. Мислам дека тие се можеби, според некои мои стандарди, најдобриот тим во АБА2 лигата. Играат фантастична кошарка, но штета е што по денешниот натпревар мора да зборуваме за работи што немаат никаква врска со кошарката“, истакна тренерот на ТФТ.
Тој потенцираше дека клубот има долгогодишно искуство во регионалното натпреварување и дека случувањата во Тузла ги смета за сериозен проблем. Според неговите зборови, ТФТ располага со докази за своите тврдења, а објаснувањето што го добил за административните прашања не го смета за логично. Смилковски откри и дека првичните инструкции од раководството на клубот биле тимот да не излезе на теренот, но на крајот била донесена поинаква одлука.
„Девет години сум тренер, долго време сме учесници во АБА натпреварувањето и лигата ни даде многу, како што и ние ѝ дадовме. Она што се случи денес е тешко да се објасни, имаме докази што ги поткрепуваат нашите тврдења. Добивме нелогично објаснување за вечервашните административни прашања и морам да бидам искрен, упатствата од нашето раководство беа да не излегуваме да го играме овој натпревар“, објасни Смилковски.
Сепак, во интерес на публиката, домаќинот и организацијата, како и на самите кошаркари, ТФТ одлучил да го одигра натпреварот и покрај проблемите со составот. Тоа значеше дека македонскиот тим мораше да се соочи со Слобода со значително ограничени можности за ротација, што се одрази и врз конечниот резултат.
Тренерот најави дека клубот ќе подготви документација и официјално ќе ги адресира забелешките до раководството на АБА2 лигата. Во овој момент, како што посочи, најголем проблем за него е чувството дека кон ТФТ не било покажано потребното почитување.
„Сигурен сум дека ќе подготвиме документи за да ги адресираме до раководството, бидејќи она што најмногу не ми се допаѓа во овој момент е некое основно непочитување кон нашиот тим. За нас, најголемиот успех е што никој не се повреди денес“, порача Смилковски.

