Меѓународен фудбал Фудбал

Алварез се врати на тренинзите на Атлетико, ништо од Барселона

Хулијан Алварез им се врати на групните тренинзи на Атлетико Мадрид и, барем засега, ја прифати реалноста дека нема ништо од неговиот посакуван трансфер во Барселона. Аргентинскиот напаѓач одработи целосен тренинг со остатокот од екипата во тренинг-центарот на мадриѓаните, откако претходните денови беше надвор од стројот поради официјално пријавени здравствени проблеми.

Интензивниот тренинг се одвиваше под диригентска палка на Диего Симеоне, кој искористи неколку можности отворено да го бодри својот сонародник и да ги пофали неговите потези на скратен простор. Со ова се прави првиот клучен чекор кон смирување на тензиите кои со денови беа главна тема во шпанскиот фудбал. Управниот одбор на Атлетико беше едногласен во одлуката воопшто да не отвора преговори со каталонскиот гигант, истакнувајќи дека Барселона не покажала соодветно меѓуклупско и професионално почитување.

Иако Арсенал се споменуваше како можна алтернатива од Премиер лигата со која Атлетико би преговарал, самиот Алварез немаше желба за враќање во Англија. Откако стана јасно дека трансферот на „Камп Ноу“ е затворена тема, на Аргентинецот му преостана само да им се врати на обврските од важечкиот договор. Пред Симеоне сега претстои задача целосно да го реинтегрира напаѓачот во тимот и да ја врати неговата самодоверба, откако дел од навивачите веќе го дочекаа со свирежи поради изразената желба да го напушти клубот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.