Трансфер-сагата околу Хулијан Алварез доби неочекуван епилог откако аргентинскиот напаѓач го промени ставот и одлучи целосно да му се посвети на Атлетико Мадрид. Според информациите на шпанска „Кадена СЕР“, Алварез им признал на соиграчите дека направил грешка со начинот на кој летово се обидуваше да издејствува трансфер во Барселона, особено со јавните коментари за својата иднина за време на Светското првенство.
Иако Каталонците беа исклучително заинтересирани, а нивниот спортски директор Деко дури се сретна со агентот на фудбалерот, Атлетико зазеде цврст став и одби да го засили директниот ривал за титулата во Ла Лига. Соочен со реалноста дека трансферот нема да се реализира ова лето, Алварез им порача на колегите од тимот дека интересите на клубот ќе бидат на прво место и дека ќе даде максимум додека го носи црвено-белиот дрес.
Со овој потег практично се отстранети сите тензии на „Метрополитано“. Диего Симеоне повторно има на располагање мотивиран напаѓач, а иако Алварез можеби сè уште сонува еден ден да заигра за Барселона, во новата сезона влегува целосно фокусран на успесите со Атлетико.

