Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Алварез и Мартинез ја однесоа Аргентина во полуфинале против Англија (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Аргентина обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство, откако по голема драма и дополнителни 30 минути игра ја совлада Швајцарија со 3:1. Избраниците на Лионел Скалони со многу мака успеаја да го скршат отпорот на мотивираниот противник и на тој начин закажаа полуфинален дуел против селекцијата на Англија во борбата за големото финале.

Актуелните светски шампиони одлично го започнаа натпреварот и стигнаа до рано водство уште во 10-тата минута. По еден изведен корнер, во противничкиот шеснаесетник се создаде голема гужва во која најдобро се снајде Алексис Мек Алистер, сместувајќи ја топката во мрежата за 1:0. Швајцарија не се повлече по примениот гол, а нивниот силен притисок вроди со плод во 67-мата минута. По една одлична и брза тимска акција, Дан Ндој стрелаше прецизно за израмнување на 1:1, резултат кој остана активен до крајот на регуларните 90 минути. Европската репрезентација од 72-та минута играше и со играч помалку, откако Емболо заработи втор жолт картон за симулација, оставајќи ги своите соиграчи на цедило, во моментите кога беа подобриот противник на теренот.

Прашањето на победникот се решаваше во продолженијата, каде што пресуди индивидуалниот квалитет на „гаучосите“. Клучниот момент на мечот се случи во 112-тата минута кога Хулијан Алварез постигна спектакуларен погодок од далечина за ново водство на Аргентина. Швајцарците тргнаа на сè или ништо во финишот, што остави многу простор за контранапади, па Лаутаро Мартинез во судиското надополнување од второто продолжение ги постави конечните 3:1 и го запечати пласманот на својата земја меѓу четирите најдобри во светот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.