Други спортови Тенис

Алкараз го нападна АТП и најави радикални чекори поради згуснатиот календар

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз обезбеди пласман во третото коло на УС Опен по победата над Жаиме Фарија, но по натпреварот го привлече вниманието на јавноста со жестоки критики насочени кон АТП поради пренатрупаниот календар кој директно го загрозува здравјето на спортистите.

Алкараз отворено порача дека во иднина самиот ќе си одредува подолги паузи и ќе прескокнува турнири, без оглед на строгите правила и обврски што ги наметнуваат тениските власти.

„Додаваат сѐ повеќе важни турнири и на некој начин сме приморани да играме. Можеби изгледа дека самите го креираме распоредот, но постојат обврзувачки Мастерс 1000 турнири и гренд слемови кои АТП ги наметнува. На крајот минувате околу 40 недели во натпреварување, што е едноставно невозможно. Сѐ повеќе играчи се повредуваат или едноставно прегоруваат“, истакна Алкараз.

Шпанскиот ас упати и директна порака до раководството на тениската асоцијација за последиците што следуваат доколку не се преземат соодветни мерки.

„Ако ништо не променат, во иднина ќе гледаме сѐ повеќе повреди. Затоа во иднина сам ќе си земам одмор од месец или два и ќе прескокнувам турнири. Тоа е сигурно“, заклучи Шпанецот.

Во следната фаза од турнирот во Њујорк, Алкараз го очекува дуел против кинескиот тенисер Ву Јибинг, кој моментно се наоѓа на 113. место на АТП листата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.