Промената на сервисот можеби е една од причините за проблемите со кои се соочува Карлос Алкараз, смета Рене Стабс, поранешната најдобра тенисерка во двојки и тренерка на Серена Вилијамс.
Австралијката верува дека Шпанецот направил грешка со новото движење при сервисот, кое потсетува на техниката на Новак Ѓоковиќ. Според неа, промената можеби придонела за повредата што го оддалечи Алкараз од терените во април.
„Кога го менуваше сервисот, почна да прави движење надолу со раката како Новак Ѓоковиќ. Мислам дека таа промена многу му наштети“, изјави Стабс.
И самиот Алкараз претходно призна дека постојат сличности меѓу неговиот сервис и оној на српскиот ас, но нагласи дека целта му била постојано да го подобрува овој удар. Шпанецот се врати на терените кон крајот на август, но во последниот период забележа и неколку неочекувани порази, меѓу кои и од Бен Шелтон на Ју-Ес опен и од Зизу Бергс во Шангај. Иако триумфираше во Токио, Стабс смета дека неговиот сервис сè уште не функционира на посакуваното ниво.
„Мора повторно да го менува“, порача Австралијката, која верува дека Алкараз ќе треба дополнително да работи на сервисот за да биде поконкурентен против Јаник Синер на брзите подлоги.
Сепак, станува збор за теорија на Стабс, а не за потврдена причина за повредата на шпанскиот тенисер.

