Македонски ракомет Ракомет

Алкалоид со пет од пет, Костески постигна гол за голема победа

Алкалоид останува со максимален ефект во Суперлигата, но до петтата победа стигна потешко од очекуваното. Тимот на Кире Лазаров го совлада Тиквеш со 31-30 во натпревар во кој домашните имаа предност во најголемиот дел од средбата, но гостите не се предадоа до последната секунда.

Алкалоид подобро го отвори дуелот и постепено ја презеде контролата. Во првото полувреме „сино-белите“ стигнаа до предност од пет гола, 13-8, а на пауза заминаа со солидна предност. Домашниот состав продолжи да ја одржува разликата и во вториот дел. Во еден момент Алкалоид водеше со 25-20 и се чинеше дека е на добар пат рутински да го приведе натпреварот до крај.

Сепак, Тиквеш покажа карактер и не дозволи натпреварот да биде решен предвреме. Кавадарчани успеаја да ја намалат разликата, а драмата кулминираше во самиот финиш. При резултат 30-27, Алкалоид направи две технички грешки, што гостите максимално ги искористија за да стигнат до неверојатно израмнување 30-30.

Последниот збор сепак го имаше Алкалоид. Никола Костески погоди за 31-30 и ја донесе победата за својот тим. Тиквеш во последната минута имаше две можности за израмнување, но обидите завршија без реализација, па бодовите останаа во Скопје. Костески и Митев со по пет гола беа најефикасни кај победникот, додека Бен Махфуд предводеше кај Тиквеш со седум погодоци. Со пет победи од исто толку натпревари, Алкалоид останува на врвот и го следи чекорот на Вардар во досегашниот тек од сезоната.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.