Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Алкалоид не издржа до крај, Партизан славеше во Скопје

Алкалоид не успеа да дојде до позитивен резултат во второто коло од Регионалната ракометна лига, откако на домашен терен загуби од белградски Партизан со 31-39. Скопскиот тим одигра конкурентно прво полувреме и долго време му парираше на фаворизираниот противник. Партизан имаше предност во поголемиот дел од првите 30 минути, но таа не беше недостижна, па на паузата гостите заминаа со само два гола предност (15-17).

Клучниот период од натпреварот дојде во второто полувреме. Избраниците на Кирил Лазаров направија неколку грешки во нападот, што Партизан знаеше да ги казни и постепено да ја зголеми разликата. Белградскиот состав стигна до 25-29 и ја презеде контролата врз играта. Алкалоид не се предаде и во неколку наврати успеваше да се доближи на само два или три гола негатива, но немаше доволно сили за целосен пресврт. Во завршницата гостите повторно го засилија ритамот и на крајот стигнаа до убедлив триумф со осум гола разлика.

Домашниот состав имаше дополнителен проблем поради отсуството на пивотите Сухолежник и Карасманакис, како и Велковски и Петковски. Најефикасен ракометар на натпреварот беше Аљоша Дамјановиќ со 10 гола. Кај Алкалоид, Костески постигна шест погодоци, додека Цехте натпреварот го заврши со пет.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.