Стартот на новата сезона донесе прва можност фаворитите да ги потврдат своите амбиции на теренот. Алкалоид веднаш испрати јасна порака дека и оваа сезона ќе има сериозна улога во македонскиот ракомет. Против „братскиот” Мулти Есенс, Алкалоид одигра сигурно и без непотребни турбуленции стигна до убедлив триумф.
Екипата уште на премиерниот натпревар покажа дека и со комбиниран состав располага со доволно квалитет за сигурно да ги освојува бодовите. Против Мулти Есенс, кој повторно е дел од најсилното македонско ракометно друштво, фаворитот имаше контрола во текот на целиот натпревар. На крајот, Алкалоид славеше убедливо со 38-28. Алкалоид уште во првото полувреме ја најави победата, па на паузата замина со предност од 16-11. Во вториот дел разликата постепено растеше, а фаворитот без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај. Дамјан Митев беше најефикасен кај победникот со девет гола. Голманот Ѓорѓи Николовски запиша девет одбрани, а придонесе и со два погодоци. Кај Мулти Есенс, Давид Трајковски и Горазд Дамчевски постигнаа по шест гола, додека Стефан Јорданов имаше 11 одбрани.

