Екипата на Алкалоид тргна моќно и самоуверено во новата кампања во ЕХФ Европскиот куп, натпреварување во кое пред две години го подигна шампионскиот трофеј. Избраниците на Кире Лазаров пред домашната публика во Автокоманда славеа убедлива победа над австрискиот претставник Ферлах со 31:22 (16:11) во првиот меч од второто коло.
Иако Лазаров за ова соочување не можеше да смета на Ненад Костески, Вуко Борозан и Валентин Карасманакис, скопскиот состав уште од воводните минути диктираше висок ритам. Почетното водство од 6:2 му ја даде потребната стабилност на Алкалоид, кој ниту во еден момент не му дозволи на противникот да го загрози водството. По заминувањето на одмор со пет гола позитива (16:11), домаќините ја имаа контролата над играта, а во самиот финиш влегоа во фуриозна серија од 6:0 со која ја запечатија високата победа од плус девет.
Прво име во победничкиот табор беше Марко Митев со седум постигнати голови, одлично го пратеше Никола Костески со шест, додека Монси Тордарсон ја затресе противничката мрежа пет пати. Кај австрискиот тим најефикасен беше Тони Перкушиќ со седум погодоци. Реваншот меѓу овие две екипи ќе се одигра во Виена на 24 октомври, каде македонскиот претставник ќе го брани овој сигурен капитал за пласман во следната фаза.

