Во рамките од второто коло во Регионалната лига, ракометарите на Алкалоид денес од 19:00 часот во Скопје го пречекуваат составот на Партизан. За домашната екипа предводена од селекторот Кирил Лазаров ова ќе биде одлична можност да ја потврди добрата форма пред сопствената публика, додека српскиот претставник пристигнува во Скопје со цел да го поправи впечатокот по поразот од Еурофарм Пелистер на стартот од сезоната.
Предводникот на Партизан, искусниот шпански стратег Раул Гонзалес, пред гостувањето во Скопје нагласи дека го чека посебно тежок испит против квалитетниот македонски состав.
„Мораме да бидеме исклучително внимателни против Алкалоид бидејќи нивното главно оружје е брзиот контранапад. Имаат искусни играчи, одлично водени од Кирил Лазаров, со голем број репрезентативци во составот, цврста одбрана и ракометари кои одлично шутираат од далечина. Натпреварот во Скопје ќе биде вистински тест за нас да видиме на кое ниво се наоѓаме во овој момент“, изјави Гонзалес.
Денешниот дуел во Скопје најавува интересно тактичко надмудрување меѓу Лазаров и Гонзалес, во кое Алкалоид со својата брза и агресивна игра ќе ја бара предноста на домашен терен против тимот од Белград.

