Репрезентација на Македонија Фудбал

Александар Таневски ја презема селекцијата на Македонија У21

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука Александар Таневски да биде именуван за нов селектор на младата репрезентација на Македонија до 21 година. Тој на оваа позиција го наследува Горан Станиќ, кому куќата на фудбалот му се заблагодари за досегашната соработка и му посака успех во понатамошната кариера.

Именувањето на Таневски е логичен чекор со оглед на тоа што тој веќе беше дел од младинскиот систем на ФФМ и ја предводеше селекцијата до 20 години, па одлично ги познава квалитетите на фудбалерите кои треба да го носат товарот во новиот циклус. Новиот селектор уште на последните два меча од актуелните квалификации ќе им даде шанса на дел од помладите играчи, со јасна цел – да се изгради конкурентен тим кој ќе постигнува подобри резултати, но и ќе подготвува квалитетни фудбалери за сениорската А-репрезентација.

Таневски поседува богато искуство во домашниот фудбал, каде што како шеф на стручен штаб има водено 196 официјални мечеви во Првата и Втората македонска лига. Тренерскиот пат го започна во ФК Скопје со кој обезбеди промоција во елитата, а со истакнати успеси работеше и во Македонија Ѓорче Петров, изборувајќи пласман во Првата лига, финале во Купот на Македонија и излез во европските купови. Во својата кариера ги предводеше уште и Академија Пандев и ФК Беса.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.