Македонски фудбал Фудбал

Аларм во Тетово: Ибраими ја призна кризата и најави рестарт во Гостивар

По фуриозниот старт и низата од пет последователни победи, тимот на Шкендија неочекувано влезе во резултатскa криза. По шокантниот пораз од Тиквеш и ремито против Арсими, капитанот на тетовскиот состав, Бесарт Ибраими, во отворена анализа призна дека екипата минува низ пад во формата, но најави експресна реакција уште на претстојната пресметка против Башкими.

Искусниот голгетер не бараше оправдувања за загубените бодови, посочувајќи дека исцрпувачкиот европски ритам го зеде својот данок на физички план.

„Ако бидам искрен, по поразот од Тиквеш мислевме дека станува збор само за еден таков, лош ден. Но, кога тоа ни се повтори и против Арсими, стана јасно дека се наоѓаме во мала криза. Сепак, тоа е нормален процес низ кој минува секоја екипа. Европските мечеви донесоа голем физички напор и тоа се одрази врз нас, но неделава работевме одлично и подготвени сме за вистински одговор на теренот“, истакна Ибраими.

Пред Шкендија сега стои нов предизвик, пресметката со кумановски Башкими на Градскиот стадион во Гостивар. Ибраими предупредува дека противникот носи сериозна опасност, што го потврдија и со ремито од 3:3 против Вардар во минатото коло, но верува дека Шкендија го има потребниот квалитет да ги освои трите бода доколку го наметне своето препознатливо темпо.

Иако на претходниот меч постигна фантастичен погодок од слободен удар и запиша асистенција, Ибраими подвлече дека индивидуалниот учинок не му значи ништо доколку тимот не победува. Главната цел останува непроменета, шампионската титула, а првиот чекор кон враќање во победнички ритам тетовци ќе го направат во петок од 16:00 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.