Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Ал-Оваис го маѓепса голот: Саудијците му откинаа бод на моќниот Уругвај! (ВИДЕО)

Каков луд фудбалски ден на Светското првенство за сите што сакаат изненадувања. По Шпанија и Белгија, денеска се сопна и моќниот Уругвај предводен од Марсело Биелса. На отворањето од групата Х, Уругвајците со мака извлекоа реми од 1-1 против Саудиска Арабија, која благодарение на својот неверојатен чувар на мрежата стигна до огромен бод.

Најголеми заслуги за ова изненадување одат на адреса на саудискиот голман Мохамед Ал-Оваис. Тој беше вистински ѕид и собра дури девет одбрани до крајот на мечот, со што комплетно го засени и колегата Возиња кој претходно ја сопре Шпанија. Уругвај имаше иницијатива на почетокот, но Саудијците брзо се ослободија од притисокот и во 40-тата минута го шокираа фаворитот. По еден корнер и голема гужва, Муслера прво го одбрани ударот на Ал-Амри, но саудискиот дефанзивец веднаш стигна до одбиената топка и од втор обид ја закова во мрежата за заслужено водство на полувремето.

Во второто полувреме Уругвај очекувано тргна во тотална офанзива за да го избегне поразот. Веќе во 46-тата минута Федерико Вињас се обиде со глава, но Ал-Оваис пак беше на место. Притисокот на Јужноамериканците стануваше сè посилен, а израмнувањето висеше во воздух. Во 60-тата минута Мануел Угарте упати силен шут од дваесетина метри, но саудискиот голман со врвовите на прстите ја закачи топката и ја пренасочи во стативата.

Жестокиот отпор на Саудијците конечно беше скршен во 80-тата минута. По уште една акција, Вињас повторно се најде во шанса, Ал-Оваис уште еднаш чудесно одбрани, но одбиената топка падна право во нозете на Максимилијано Араухо, кој прецизно погоди за 1-1. Само три минути подоцна Родригез пропушти колосална шанса за целосен пресврт, а италијанскиот судија Маријани го продолжи мечот за седум минути. Саудијците сепак издржаа со десетка во одбраната и сосема заслужено си заминаа со голем бод.

Во следното коло Уругвај ќе ги одмери силите против Зеленортските Острови во обид да се поправи за овој кикс, додека Саудиска Арабија ја чека уште потежок предизвик, дуел против актуелниот европски шампион Шпанија.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.