Минесота Тимбервулвс заврши огромна работа за претстојните НБА сезони, откако успеа да го задржи одличниот бек Ајо Досунму, кој летово го имаше статусот на слободен агент. Според информациите кои прв ги лансираше инсајдерот Шемс Шаранија, двете страни договорија петгодишна соработка вредна 112 милиони долари, која вклучува и играчка опција за последната сезона од договорот.
Оваа капитална зделка беше официјализирана само неколку часа откако „волците“ го испратија Џулиус Рендл во Бруклин Нетс, потег со кој раководството ослободи сериозен простор во буџетот и јасно порача дека се гради моќен тим околу првата виолина Ентони Едвардс за атак на самиот врв на Западната Конференција.
Досунму пристигна во Минесота минатиот февруари од редовите на Чикаго Булс и за рекордно кратко време стана клучен мотор во ротацијата. Тој во регуларниот дел бележеше просек од 14,4 поени, за во плејофот да го подигне нивото на 15,6 поени по натпревар.
Бранителот дефинитивно ги купуваше симпатиите на нацијата кога во епската серија против шампионот Денвер Нагетс, по принудните повреди на Донте Дивинченцо и Едвардс, експлодираше со брутални 43 поени во четвртиот меч и ја однесе Минесота во следната рунда. Иако проблемите со листот малку го забавија во финишот на доигрувањето, челниците на франшизата покажаа максимална верба во неговиот квалитет.
Со овој потпис, Минесота сега има зацементирано долгорочно јадро кое покрај Досунму го сочувуваат Едвардс, Џејден Мекданиелс и Нез Рид, кој по заминувањето на Рендл целосно ја презема улогата на стартен крилен центар во битката за шампионскиот прстен.

