Селекторот на Мексико, 67-годишниот Хавиер Агире, официјално го заврши својот трет мандат на кормилото на националниот тим по синоќешниот пораз од Англија во осминафиналето на Светското првенство. Иако претрпе неуспех на култната „Ацтека“, искусниот стратег испрати емотивна порака до јавноста и му даде отворена поддршка на својот предвиден наследник, Рафаел Маркес.
„Сакав да се збогувам од мојот народ со голема победа. Затоа овој пораз боли, бидејќи навистина се трудевме до последен здив. Сепак, фудбалерите мора да излезат од тука со кренати глави. Не ја искористивме колосалната шанса, но сакам јавно да им се заблагодарам на сите за поддршката“, изјави Агире пред медиумите.
Самиот натпревар доцнеше цели еден час поради силното невреме што го зафати регионот околу стадионот, но тоа не ги спречи мексиканските навивачи да создадат пеколна атмосфера. Агире уште еднаш ја пофали публиката која ја нарече „дванаесеттиот играч“ на Мексико, бидејќи фановите фанатично скандираа во финишот додека тимот бркаше израмнување. И покрај огромниот притисок, Англија успеа да го издржи налетот и се пласира во четвртфиналето, каде в сабота во Мајами ќе ги одмери силите со селекцијата на Норвешка.
Искусниот тренер потенцираше дека си заминува со исполнето срце бидејќи успеал повторно да го обедини тимот со нацијата.
„Заминувам со многу гордост. Овие момци ме направија исклучително среќен човек на клупата. Успеавме да го вратиме чувството на припадност и целосно го обновивме препознатливиот идентитет на оваа репрезентација“, додаде тој.
Јавна тајна во Мексико е дека кормилото на државниот тим сега ќе го преземе Рафаел Маркес. Легендарниот дефанзивец, кој го предводеше Мексико како капитен на дури пет Светски првенства, веќе соработуваше со Агире во стручниот штаб за време на овој мундијалски циклус.
„Му посакувам сè најдобро во работата. Тој е повеќе од способен за овој предизвик и сигурен сум дека ќе биде многу подобар селектор од мене“, заклучи Агире на своето збогување.

