Аријан Адеми би можел повторно да заигра во хрватскиот шампионат, каде што го помина најголемиот дел од својата кариера. Искусниот играч за врска е пред нова одлука, откако неговиот актуелен клуб Ујпешт му отвори врата за заминување. Интересот не изостанува, а веќе се појавија две конкретни опции.
Унгарскиот Ујпешт повеќе не смета на услугите на Адеми и му дозволил слободно да го избере следниот клуб. Според информациите од Хрватска, за неговите услуги се заинтересирани Горица и Рудеш, кои би можеле да го ангажираат до крајот на преодниот рок.
Адеми добро го познава хрватскиот фудбал, бидејќи најголемиот дел од кариерата го помина во Динамо Загреб. Со „модрите“ освои повеќе трофеи и беше еден од важните играчи во тимот во текот на долгогодишниот престој. За поранешниот македонски репрезентативец, евентуалното враќање во Хрватска би значело ново поглавје во кариерата, овојпат во дресот на друг клуб од хрватската елита.

