Мaкедонскиот репрезентативец по убедливиот триумф над Австрија во Виена (91:59) ја истакна тимската игра, енергијата и големата самодоверба како клучни фактори за значајната победа.
Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација на импресивен начин ја започна втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029 година. Избраниците на селекторот Хозе Марија Берокал забележаа убедлива победа на гостински терен, совладувајќи ја Австрија во Виена со убедливи 91:59.
Еден од оние кои дадоа свој придонес во одличното издание на македонската селекција беше Адем Мекиќ, кој по натпреварот не го криеше задоволството од прикажаното на теренот и од големата победа на стартот од новиот претквалификациски циклус.
Мекиќ посочи дека македонските кошаркари биле свесни оти Австрија ќе влезе максимално мотивирано во натпреварот, особено по неочекуваниот пораз од Кипар во првиот меч од групата.

„Извонреден резултат, добивме многу значаен натпревар, особено ако се земе предвид првиот меч и неочекуваниот пораз на Австрија на Кипар. Знаевме дека тие ќе почнат многу офанзивно и физички, па моравме да одговориме на ист начин.
Многу сум горд на своите соиграчи и на стручниот штаб. Влеговме многу енергично и мотивирано, со голема самодоверба, а на крајот резултатот донесе една извонредна победа.
Многу е важно што играме како тим. Знаеме кои се лидерите на оваа репрезентација, тука се Нено и Војдан, но секој има своја улога и сите максимално ги извршуваме задачите што ни се зададени. Ако продолжиме вака, мислам дека оваа репрезентација има светла иднина“, рече Мекиќ.
Убедливото издание во Виена уште еднаш покажа дека силата на Македонија е во колективната игра. Со јасно распределени улоги, голема енергија и максимална посветеност во исполнувањето на задачите, македонските кошаркари дојдоа до триумф кој носи дополнителна самодоверба за предизвиците што следуваат.
Победата од 91:59 против Австрија е одличен почеток во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029, а македонската репрезентација веќе покажа дека со ваков пристап и тимски дух може да биде сериозен конкурент во продолжението од квалификацискиот циклус.

