Борусија Дортмунд се соочува со сериозни проблеми со Карим Адејеми. Брзоногиот напаѓач го загуби стартното место кај тренерот Нико Ковач, а неговиот придонес во играта на „милионерите“ не е ни одблизу на очекуваното ниво. Сепак, бидејќи неговата пазарна вредност сè уште е солидна и изнесува околу 40 милиони евра, раководството на клубот се обидува да го убеди да го продолжи договорот за да не си замине бесплатно следното лето.
Веќе подолго време се шпекулира за иднината на бунтовниот фудбалер. Ковач не е задоволен ниту од неговиот учинок, ниту од однесувањето, па пролетва Борусија сакаше да го продаде за 60 милиони евра. Но, бидејќи никој не ја плати таа сума, цената на Адејеми дополнително падна. Со само уште 12 месеци од актуелниот договор и само 15 натпревари како стартер во Бундеслигата, новиот спортски директор Нилс Оле Бук сега би бил задоволен и со 40 милиони евра. Прашање е само дали Дортмунд може да ја добие и таа сума.
Неодамна, неговата партнерка, познатата реперка Лоредана Зефи, изјави дека ако се прашува само Карим, тој би останал во клубот уште десет години, по што челниците на Дортмунд решија да реагираат. Борусија му понуди нов договор со плата од 7 милиони евра по сезона плус бонуси, но Адејеми експресно ја одби понудата. Неговите барања далеку ги надминуваат желбите и можностите на клубот. Како што пренесува германски „Билд“, напаѓачот бара минимум 10 милиони евра годишно, сума која во моментов ја земаат Феликс Нмеча и Серху Гираси, додека најплатен во тимот е Нико Шлотербек со 14 милиони евра.

