Почетокот на новата сезона во АБА-лигата е под сериозен знак прашалник, откако спорот меѓу раководството на натпреварувањето и судиите сè уште не доби решение. Како што се приближува првиот натпревар од сезоната, така сè погласни се најавите дека воведното коло би можело да биде одложено. Проблемот настана откако дел од арбитрите јавно посочија дека не се задоволни од условите во кои работат и побараа промени во нивниот статус и финансискиот надомест. Во ист период, на официјалната страница на АБА-лигата беше објавен и конкурс за нови судии.
Претседавачот со натпреварувањето и претседател на Партизан, Остоја Мијаловиќ, претходно изјави дека судиите побарале двојно повисоки надоместоци, и тоа откако буџетите за сезоната веќе биле усвоени. Тој тогаш изрази очекување дека ситуацијата ќе биде надмината пред почетокот на првото коло. Во меѓувреме, сепак, се појавија дополнителни информации кои ја усложнуваат ситуацијата. Според наводите кои ги пренесуваат регионалните медиуми, конкурсот за судии не бил наменет само за ангажирање нови арбитри, туку и за постојните судии. Тоа отвора можност оние кои нема да се пријават да останат без ангажман во АБА-лигата.
Од другата страна, судиите тврдат дека нивното јавно обраќање не било поставено како ултиматум, туку како повик за разговор и решавање на проблемот преку дијалог. Мијаловиќ, пак, посочил дека по добивањето на барањата од судиите сакал да свика седница на Собранието на лигата, на која клубовите, како сопственици на натпреварувањето, би разговарале за нивните барања. Според неговата верзија, судиите му ставиле до знаење дека нема да започнат со делење правда доколку нивните услови не бидат исполнети.
Дополнителен пресврт во целата ситуација носат и информациите од Црна Гора, според кои поголемиот дел од судиите наводно се подготвени да го започнат натпреварувањето, додека дел од арбитрите со евролигашко искуство се спротивставуваат на таквиот договор, стравувајќи дека доколку попуштат, лигата би можела да продолжи без да ги прифати нивните барања. Така, само неколку дена пред планираниот старт, АБА-лигата се соочува со сериозна неизвесност. Првиот натпревар е закажан за петок, а доколку во наредните денови не се постигне договор, постои реална можност почетокот на сезоната да биде поместен.

