Македонскиот спорт има нови херои на кои со право им се поклонува целиот регион. Најновата спортска приказна испишана со пот, дисциплина и огромно срце доаѓа од борилиштета во Србија, каде нашите борци покажаа како се бранат националните бои. Кикбоксот уште еднаш докажа дека е еден од најтрофејните и најорганизираните спортови во земјава, кој создава шампиони од светска класа.
Македонската кикбокс репрезентација се враќа со кренати глави и преполни куфери од ВАКО Балканското првенство, кое од 29 до 31 мај се одржа во Нови Сад. Нашата експедиција, која броеше импозантни 108 сопатници (75 борци, 27 тренери, 4 судии и двајца официјални претставници), беше една од најмасовните, но и најуспешните на целиот турнир.
Билансот на медали е повеќе од импресивен – вкупно 66 одличја, од кои 13 златни, 25 сребрени и 28 бронзени. Во пеколната конкуренција на најдобрите балкански тупаници, македонските репрезентативци демонстрираа врвна подготовка, борбен дух и карактер на победници.
Шест индивидуални признанија за македонските „машини“
Дека доминацијата не беше случајна, потврдуваат и шестте специјални пехари за најуспешни натпреварувачи во своите категории. Овие престижни признанија, кои се доделуваат само на оние кои оставиле најсилен впечаток во рингот и на татамито, завршија во рацете на:
Томи Андонов – најдобар помлад јуниор (ринг, К1)
Калин Бабовски – најдобар постар јуниор (ринг, Лоу Кик)
Андреј Смилевски – најдобар постар јуниор (ринг, К1)
Леа Бошевска – најдобра сениорка (татами, Кик Лајт)
Исмаил Туркер – најдобар јуниор (татами, Кик Лајт)
Ринор Јахии – најдобар постар кадет (татами, Кик Лајт)
Признанија за лидерството и тимскиот дух
Успехот во Нови Сад заокружен е и на организационо ниво. Првиот човек на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија и претседател на ВАКО Балканската федерација, Дејан Митровски – Урко, доби специјална Благодарница за неговиот придонес и поддршка во беспрекорната организација на шампионатот. Дополнително, целиот македонски тим беше награден со Признание за исклучителен тимски дух, посветеност и професионализам, што е само потврда за високиот реноме што нашата федерација го ужива во меѓународни рамки.
По завршувањето на првенството, Митровски не го криеше своето задоволство од постигнатиот успех на сите чинители:
„Оваа жетва на медали и индивидуални пехари е чист доказ дека македонскиот кикбокс чекори по вистинскиот пат и континуирано расте. Горд сум на секој наш спортист кој достоинствено ја претстави татковината и покажа дека Македонија е синоним за европски и балкански квалитет.“
Интересно е што овој голем спортски настан со своето присуство го збогати и светски познатата кикбокс ѕвезда Милош Цвјетичанин, чие појавување беше дополнителен ветар во грб и инспирација за младите борци.
На крајот, останува заклучокот дека со вакви резултати кикбоксот со право ја носи титулата за еден од најголемите спортски амбасадори на Македонија и дефинитивно се етаблира како национален спорт број еден во земјата.





