Последното коло во Англија ни носи незапаметен емотивен набој кој засекогаш ќе остане запишан во фудбалската историја. Додека навивачите на Манчестер Сити и Ливерпул се збогуваат со своите идоли, Лондон го слави шампионскиот трофеј на Арсенал.
Крај на епохата на Пеп Гвардиола и Бернардо Силва во Манчестер
Пеп Гвардиола го завршува своето епохално патување на „Етихад“ каде целосно ја трансформираше модерната тактика на Островот. Шпанскиот генијалец заминува со неверојатни шест титули во Премиер лигата и долгоочекуваниот трофеј во Лигата на шампионите.
Заедно со него, последен поздрав на навивачите им праќа и неуморниот Бернардо Силва по одиграни 458 натпревари. Португалскиот велемајстор беше клучниот фудбалер во средниот ред кој со својата пожртвуваност ги освои срцата на сите симпатизери. Неговата техничка совршеност и борбеност оставаат огромен белег, не само во Сити, туку и во Премиер лигата.
Последен танц на „Енфилд“ за легендарните Мохамед Салах и Енди Робертсон
Најмоќното напаѓачко и одбранбено оружје на култниот Ливерпул во времето на Јирген Клоп, денеска официјално го напушта познатиот стадион. Мохамед Салах си оди како вистински „крал на Египет“ и еден од најдобрите стрелци со 257 голови, во 441 настап, колку што забележа во дресот на Ливерпул. Неговата брзина и неверојатни погодоци донесоа европска и домашна слава која навивачите на Ливерпул долго ја чекаа.
Покрај него, заминува и шкотскиот бек Енди Робертсон кој стана симбол за борбеност на левата страна. Робертсон забележа 63 асистенции, во 267-те настапи за Ливерпул и освои сè што можеше да се освои со тимот.
Арсенал по долги години 22 години повторно го крева пехарот во Премиер лигата
Додека неговите најголеми ривали тагуваат по своите легенди, Микел Артета конечно го донесе Арсенал до ветената земја. Младиот тим на „топчиите“ одигра феноменална и конзистентна сезона во која покажа најголема зрелост на теренот. Фудбалерите на Арсенал денеска пред преполниот стадион и официјално ќе го подигнат пехарот во Премиер лигата. Оваа шампионска генерација стави крај на повеќегодишното чекање и ја прекина бруталната доминација на Манчестер Сити и Ливерпул. За „топчиите“ ова ќе биде 14-та титула во домашното првенство.

