Возбудувањата во фудбалска Македонија продолжуваат и денес со натпреварите од 28. коло. Во Скопје, на арената „Тодор Проески“, од 13:00 часот Работнички ќе биде домаќин на Арсими, додека Струга Трим Лум ќе “брка“ позитива во Куманово против Башкими.
Романтичарите имаат можност да остварат втора победа по ред против можеби еден од директните ривали за останување во лигата, тимот на Арсими, откако на последниот натпревар на арената победија со 2-0. По серијата позитивни резултати и остварени четири победи по ред, тимот предводен од Муарем Муарем повторно се наоѓа во мала криза откако на последните два имаат два порази.
Арсими влегува мотивирано откако победија против Македонија ЃП и конкурентот Пелистер.
Во Куманово, Башкими ќе се судри со Струга Трим Лум. Домаќините имаат кадровски проблеми во последните два месеца и клубот е во голема неизвесност што сами по себе говорат и резултатите на последните дуели. Тимот долго време не тренираше, играчите немаат неколку месеци земено плата, а сето тоа се рефлектираше на играта на теренот.
Струга Трим Лум во вториот дел од сезоната игра променливо. Стружани како однапред да се задоволија со третата позиција на табелата.
На последниот меѓусебен дуел Струга ТЛ испорача “петарда“ во голот на Башкими и триумфираше со високи 0-5.
Натпреварот се игра во 15:00 часот.

