Кими Антонели во моментов е главното име во Формула 1, откако вечерва стигна до уште една импресивна победа на трката за Големата награда на Мајами. Младиот возач на Мерцедес ја продолжи својата неверојатна серија и по триумфите во Јапонија и Кина, денеска стигна до третиот успех по ред. Иако трката во Флорида започна порано од предвиденото поради страв од силно невреме, Антонели не дозволи ништо да го исфрли од ритам.
Победата не дојде лесно, со оглед на тоа што Антонели имаше одредени технички проблеми со својот болид во текот на трката. Сепак, тој покажа огромна зрелост и успеа да ја задржи предноста пред конкурентите. Веднаш зад него, на втората позиција, заврши актуелниот светски шампион Ландо Норис со Мекларен, кој и покрај вчерашната победа во спринт трката, денеска не успеа да го најде рецептот за побрзиот Мерцедес.
Успехот на Мекларен го заокружи Оскар Пјастри, кој стигна до третото место и се искачи на подиумот. Во топ 10 пласманот се најдоа уште и Џорџ Расел, Макс Ферстапен, потоа Шарл Леклер, Луис Хамилтон, Франко Колапинто, Карлос Саинц и Александар Албон. Со овој нов триумф, Антонели само ја потврди својата доминација во овогодишниот шампионат и најави дека ќе биде еден од фаворитите за титулата.

