Меѓународен фудбал Фудбал

18 сезони во црвено-бело: Коке е последниот заштитник на фудбалската романтика

Во модерните фудбалски времиња каде што лојалноста стана вистински раритет, Хорхе Ресурексион, за фудбалскиот свет познат како Коке, претставува последен заштитник на старата фудбалска романтика. Шпанците често знаат да кажат дека неговата матична професија е „капитен“, а негова единствена домашна адреса е Атлетико Мадрид. Од дебито во септември 2009 година против Барселона, па сè до денес, тој одработи нереални 18 последователни сезони на „Метрополитано“, израснувајќи во најголемиот и најверниот клупски војник во историјата на „јорганџиите“.

Со апсолутен рекорд од 748 одиграни натпревари и над 56.000 минути поминати на теренот, Коке е играчот кој на секоја педа трева го диктираше пулсот на ерата на Диего Симеоне. Иако можеби никогаш ги немаше рефлекторите за најгламурозна ѕвезда, за навивачите тој е срцето и душата на тимот. Неговата статистика носи застрашувачки димензии: 122 асистенции, полни осум години со капитенската лента околу раката и статус на незаменлив архитект во играта.

Неговата величина и карактер посебно доаѓаат до израз во жестоките мадридски пресметки против кралскиот клуб. Коке е апсолутен владетел на дербијата „Ел Мадрилењо“ со дури 46 одиграни мечеви против Реал Мадрид во сите натпреварувања, бројка што ниту еден фудбалер во историјата на двата гиганти ја нема достигнато. Дополнително, со своите 14 победи над градскиот ривал, тој е и официјално играчот со најмногу триумфи над Реал во клупската историја на Атлетико.

Единствената мисија што му преостанува е уривањето на трофејниот рекорд на легендарниот Аделардо, кој го држи врвот со 10 освоени пехари, наспроти осумте на Коке. Со оглед на тоа што неговиот договор истекува ова лето, а Симеоне и понатаму го третира како свој главен „универзален војник“, новото продолжување на соработката изгледа сосема извесно, со што оваа фудбалска бајка во црвено-бело ќе добие уште неколку незаборавни поглавја.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.