Лидерот во нападот на Баерн Минхен, Хари Кејн, го прослави својот 100-ти јубилеен натпревар во германската Бундеслига со застрашувачки биланс од 102 погодоци, откако ја затресе мрежата во дебаклот врз РБ Лајпциг од 6:1. Баварците во моќен стил им се вратија на победите по двата последователни реми-исходи, остварувајќи триумф со кој го презедоа врвот на табелата пред Борусија Дортмунд.
Англискиот репрезентативец не го криеше задоволството од реакцијата на тимот по ситниот кризен период низ кој минаа во претходните две кола.
„Понекогаш, кога двапати по ред ќе одиграте нерешено, почнувате премногу да размислувате. Суштината е дека имавме доволно шанси да ги добиеме тие натпревари, но направивме грешки за кои знаевме дека мораме да ги исправиме. Денес си кажавме дека мораме да излеземе на терен без никаков притисок и да тргнеме со сите сили. Бевме едноставно премногу силни за нив, а завршницата на акциите и додавањата во последната третина ја направија главната разлика“, истакна Кејн по натпреварот.
Покрај големиот јубилеј, во јавноста сѐ погласно се зборува и за претстојната церемонија за доделување на „Златната топка“, каде што искусниот напаѓач се споменува меѓу главните кандидати.
„Навистина сум горд што стигнав до 100 натпревари за Баерн во Бундеслигата. Имавме неверојатни моменти и се надевам дека ќе ги има уште многу. Што се однесува до ‘Златната топка’, за десетина дена ќе дознаеме кој е победникот. Како што имам кажано и претходно, тоа би било огромно достигнување за мене, но доколку не се случи, продолжуваме да се концентрираме на оваа сезона и на новите победи, бидејќи пред нас се исклучително важни мечеви и во Лигата на шампионите и во првенството“, порача голгетерот на Баерн.

