Постојат денови кои ја менуваат колективната свест на човештвото. Денови кои се врежани во нашата меморија со секој детаљ, каде сме биле, што сме правеле и како сме се чувствувале кога светот застанал. За секој љубител на спортот, тој ден е денешниот. Први мај, денот кога Имола, наместо патека на славата, стана олтар на кој беше принесена жртвата на најголемиот меѓу најголемите, Аиртон Сена.
Човек пред шампион: Кога Ајртон истрча низ чадот
Најголемата победа на Сена не се случи на подиумот, туку среде чадот на патеката Спа. Кога Ерик Комас лежеше во несвест во болид кој секој момент можеше да експлодира, Аиртон беше првиот кој дојде на помош. Додека другите поминуваа покрај искршениот болид во трка за секунди, тој истрча на патеката ризикувајќи го својот живот, за да му ја исправи главата на својот ривал и да му го спаси животот. Тој ден светот виде дека под кацигата на „најбрзиот“ не се крие машина, туку несебична душа која знаеше дека еден човечки живот вреди повеќе од сите пехари на светот.
Копнежот на очите пред смртта
Тие што го гледаа преносот во живо, никогаш нема да ги заборават неговите очи пред почетокот на трката. Сена не беше свој тој викенд. Неговата вообичаена челична концентрација беше заменета со длабок, тежок немир. Трагедиите на Барикело и Раценбергер во претходните денови како да му шепнаа на неговото религиозно срце дека „Тамбурело“ чека.
Камерите го снимија како ја вади кацигата, како се потпира на својот „Вилијамс“ и гледа некаде во далечината, во празно. Како да знаеше дека го гледа светот за последен пат. Тој не сакаше да вози тој ден. Но, неговиот модел на постоење не му дозволуваше да се повлече. Сена секогаш одеше до крај.
Седмиот круг: Моментот кога Бразил и светот заплакаа
Во 14:17 часот, жолтата кацига влезе во свиокот „Тамбурело“ со брзина од над 300 км/ч. Потоа, тишина. Ужасен звук на метал кој удира во бетон.
Цела планета гледаше во екраните, молејќи се за мал знак на живот. Кога неговата глава за момент мрдна на десно, милиони луѓе здивнаа со надеж. Но, тоа беше само рефлекс. Смртта веќе го земаше под свое. Она што најмногу боли во оваа приказна е детаљот кој беше откриен подоцна. Во кокпитот на уништениот болид, спасувачите пронајдоа свиткано, крваво австриско знаме. Сена планирал да го вее во чест на загинатиот Раценбергер. Сакал да му оддаде почит на колегата, а наместо тоа, замина со него во вечноста.
Повеќе од возач – сон за еден народ
Сена не беше само возач, тој беше религија, емотивниот мотор на Бразил. Додека државата се гушеше во сиромаштија и корупција, секоја недела попладне, Аиртон беше единствената причина поради која еден цел народ се чувствуваше како победник. Кога тој победуваше, победуваше секое дете од фавелите. Кога тој загина, Бразил не изгуби спортист, изгуби легенда, изгуби член на семејството.
Три дена жалост и три милиони луѓе на улиците на Сао Паоло беа само бледа слика за празнината која остана. Неговиот последен круг не заврши на Имола, тој круг продолжува во секое срце кое верува дека е можно да се биде најбрз, а сепак да се остане човек со длабока вера и душа.
Легендата која живее вечно
Денес, 32 години подоцна, кога ќе слушнеме звук на мотор на Формула 1, некаде во далечината го бараме оној жолт шлем. Аиртон Сена не нè научи како да се вози болид, нè научи како да се сонува без граници.
„Ако не го даваш максимумот, тогаш не си Ајртон Сена,“ велеше тој. И навистина, тој го даде својот максимум, сè до последниот момент, сè до последниот здив во прашината на Имола.

